Работна група ќе ги разгледува бугарските коментари на акцискиот план
Скопје и Софија си разменија акциски планови, се бараат допирните точки за изнаоѓање компромис, што не е во краен интерес за која и да е страна. За ВМРО-ДПМНЕ, владата е раштимуван оркестар зашто Димитов побара да се пренасочиме на реформите, Бучковски е испратен на тајна задача, за која Заев молчи. СДСМ со истиот одговор- нема преговори за столбовите на македонскиот идентитет...

Во периодот што следува работната група ќе ги разгледа коментарите, кои пристигнаа од Бугарија на нашиот предлог акциски план и ќе биде изградена јасна позиција, изјави за МИА специјалниот пратеник за Бугарија, Владо Бучковски, по средбата со шефицата на бугарската дипломатија Захариева, која исто така му предаде предог акциски план, за која нашите власти тврдат дека е одговор на македонскиот. Во Софија, Бучковски и Захариева размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете држави.
„Сето тоа треба да создаде доверба меѓу владите и државите, помеѓу народите меѓу двете држави. Без разлика на интензитетот на моите патувања и средби, очигледен е интересот на двете страни да не се дозволи замрзнување на односите или комуницирање само преку медиуми или преку посредници. Нашата блискост како два народи и две држави со заеднички моменти од минатото и заеднички погледи кон историјата нè упатува и двете страни да преземаме чекори до наоѓање решение, а токму ваквите работни средби се чекор напред кон решение“ вели Бучковски во изјавата за МИА.
Додава дека во тој контекст секоја негова службена комуникација на релација Скопје – Софија е во функција на предложениот Акциски план од наша страна кој содржи конкретни чекори во делот за поврзување преку Коридорот 8.
При недостиг на релевантни информации, опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш праша што содржи бугарскиот документ. Собранието е изолирано, и никој не знае за што точно се преговара-велат од партијата.
„Османи пак го испраќа Бучковски на тајни преговарачки маси кадешто никој не знае за што се преговара. Зоран Заев молчи. А, во исто време, македонскиот народ, идентитет и јазик се негираат од највисоки претставници на бугарската влада. Затоа прашуваме: Дали добиениот документ бара ретуширање на историјата и нејзино прилагодување до бугарската историска вистина? Дали е оспорен македонскиот јазик, и тој сега треба да стане фуснота?“, велат од опозициската партија.
СДСМ коментира дека ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се потврден извор на лажни вести. Колку и да е неразбирливо за нив, за македонскиот идентитет, јазик и историја не се и нема да се преговара, тврдат во владеачката партија.
Марина Стојанова- Тонева
