Се санираат штетите во битолско
Заезерени земјоделски површини, уништена сточна храна и многу кал и шут, се последиците од излевањето на Велушка и Лажачка река во битолско. Жителите велат, има голема штета, но траумата е сѐ уште присутна. Од водостопанското претпријатие „Битолско поле“ веќе трет ден се на терен...

И денеска небото над Пелагонија тмурно, но до напладне немаше пообилни врнежи. Во битолско воглавно се работи на санирање на штетите од излевањето на Велушка и Лажачка река. Меѓу мештаните на село Лажец сѐ уште присутна траумата што ја доживеале и секој со своја приказна.
Заезерени се дел и од земјоделските површини под и над патот што води до грчката граница. Екипи на водостопанското „Битолско поле“ со механизација дејствуваат на терен.
Станува збор за поројни реки чии корита не се чистени дваесетина години. Проблем ни создават и дрвата во коритото кои се заштитени со Законот за шуми, но пред сѐ се работи и за голема негрижа на мештаните кои реката ја користат како депонија, велат од „Битолско поле“.
Засега чистиме колку да помогнеме, а напролет ќе мора да се преземе потемелна акција во согласност со Македонски шуми, вели Заровски. Дека само темелните акции даваат резултат, покажува и исчистената одводна мрежа во најголеамата житница која не дозволи излевање и покрај ваков наплив на вода.
Стевче Митревски
