Поплавени неколку куќи и мостови во кумановско
Поплавени куќи и дворови, подруми и штали. Обилните врнежи предивикаа штети во неколку села во кумановско. Пчиња се излеа и во Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ. Меѓутоа вода има само во дворот, објектот не е зафатен. Од водостопанство „Кумановско липковско поле“ информираат дека состојбата на реките почнува да се стабилизира...

Поројниот дожд што го зафати кривопаланечкиот и козјачкиот регион поплави неколку куќи и викендици, помошни простории и земјоделско земјиште. Поради зголемениот водостој, Пчиња и Крива Река се излеани во селата Јачинце, Довезенце, Бељаковце, Клечовце, Шупли Камен, Пчиња и Студена Бара.
Зголемениот водостој на Крива Река создаде проблеми и во село Јачинце. Како што може да се види зад мене под вода е викенд куќа. Целосно е поплавен дворот, но и околните земјоделски земјишта.
Мештаните раскажуваат дека секоја година при поголеми врнежи, тие се поплавени. Велат за среќа овој пат успеале да ги спасат животните.
„Дојде во 1 часот по полноќ не знаевме што да правиме, кокошки, свињите ги качивме, река, вода, немаше помош, кравите беа во вода, животните ги носевме на спрат“, изјави Радмила Стојановска, жителка на село Довезенце.
Целосно под вода е и мостот во село Довезенце, па е спречен патот кон селските гробишта, но и соседното село Бељаковце.
„После секои обилни врнежи реката го пресекува мостот, имаме од таа страна луѓе, ниви, гробиштата не можеме да поминаме таму“, посочи Јовица Божиновски, жител на село Довезенце.
„Овој мост води кон гробиштата, таму не можеме да излеземе исто, кога ќе надојде, еден да умре не можеме да го однесеме“, вели Јовица Стојмановски, жител на село Довезенце.
Пчиња се излеа и во Пелинце, во близина на Меморијалниот центар АСНОМ. Меѓутоа вода има само во дворот, објектот не е зафатен. Екипите на водостопанство „Кумановско липковско поле“ веќе неколку дена интервенираат на терен.
„Состојбата на реките во моментот се стабилизира, река Пчиња почнува да опаѓа, очекуваме од утре поголемо опаѓање, додека Крива река е на исто ниво од вчера очекуваме од утре исто да почне да опаѓа“, изјави Оливер Илиевски, директор водостопанство „Кумановско липковско поле“.
Од кумановскиот кризен штаб информираат дека комисијата е на терен и прави увид на состојбата.
Елена Георгиевска
