Лекот Ивермектин достапен во аптеките, матичните лекари немаат протоколи за лекување
Лекот Ивермектин што се употребува во терапијата против Ковид-19 е достапен во аптеките. Може да се набави само со лекарски рецепт по цена од 299 денари. Матичните лекари реагираат дека сѐ уште немаат протоколи за лекување со Ивермектин. Според Министерството за здравство лекот се аплицира кај луѓе коишто имаат висок ризик да заболат, луѓе кои имале контакт со заболен и веќе болни пациенти. Во текот на утрешниот ден се очекува поголеми количини од лекот да бидат дистрибуирани во аптеките. Иверметинот во земјава е донесен со интервентен увоз...

Матичните лекари немаат добиено упатство од здравствените власти на кои пациенти да им го препишат лекот „Ивермектин“ и во колкави дози. Веќе е достапен во дел од аптеките. Граѓаните во ординациите на лекарите прашуваат дали може да го земаат превентивно. Овој лек се покажал како ефикасен во лекувањето на Ковид-19, кај нас досега се користел само во ветеринарството, сега за првпат е регистриран и за употреба кај луѓето. Од Здружението на матични лекари реагираат - за медикаментот наместо од надлежните се информиравме од медиумите.
„Како се дава лекот, дали на почеток од болеста, е многу важно за докторите, и оние со искуство и оние без искуство. Пациентите се информираат од телевизиите и бараат од своите матични докотори да им го препишат лекот, да им дадат доза, имаат многу прашања, сакаат да знаат дали превентивно да ги пијат лекот и слично. Затоа, би замолила Министерството за здравство итно да достави протоколи“, изјави д-р Лилјана Чолакова Дервишовска, Претседател на Здружението на приватни матични лекари.
Од Министерството за здравство велат Ивермектинот се препорачува во три сценарија, кај ризични групи работници коишто имаат висок ризик да заболат, луѓето кои што биле во допир со заболен- потврден контакт и кај луѓе коишто се заболени. Кај трите групи граѓани има различна индикација и различно дозирање затоа е важно апликацијата да биде под контрола на лекар.
Ивермектинот од аптека може да се купи само со рецепт за 299 денари.
Андријана Атанасовска
