Свлечиште се заканува на цела населба во Тетово
Свлечиште се заканува на цела населба во Тетово. Очите на жителите вперени во секојдневните дождливи облаци. Ерозија на земја, заматена вода, ниви под кал. Ова се последиците од неколкудневните поројни дождови во тетовско...

Над дваесет семејства кои живеат на овој рид над православните гробишта во Тетово стравуваат дека свлечиштето на земјата кое вчера се активира на само еден метар од првиот објект, ќе им ги однесе цело мало. Бараат ургентна изградба на потпорен ѕид за да се спречи ерозијата.
Водата од поплавените ниви се повлекува, но огромните штети излегоа на површина.
Во тетовско, реките се излеаа како што потврдија земјоделците поради неисчистените корита. Од АД Водостопанство подружница Тетово, велат дека во реките се фрла сѐ и сешто, што резултира со застој на нормалниот проток на водата.
Од поројните дождови, водата во Тетово сѐ уште е заматена и не се препорачува за користење. Поплавите и дождовите ја заматија водата и во Гостивар, но и во повеќе рурални општини од полошкиот регион.
Зоран Димовски
