Денот на рибарите помина без традиционалното капење во езерото
Иако од вчера во Охрид се е во знакот на Богојавленските празници, охриѓани денеска ги испочитуваа препораките на здравствените власти и на празникот Свети Јован Крстител, кој се слави и како Ден на рибарите, немаше капење во ладните езерски води. За разлика од минатите години кога се приготвуваше 1.500 литри рибна чорба, се пиеше грејана ракија и вино и се завршуваше со општонародна веселба, овој пат музиката се слушаше само во рестораните и кафулињата каде што имаше мал број на гости...

По многу децении поради здравствената криза денеска немаше масовното одбележување на верскиот празник Свети Јован Крстител кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите. Изостана масовното и спектакуларно капење во ладните езерски води со кое охриѓани ја продолжуваат традицијата на своите претци и ја покажуваат својата приврзаност кон езерото.
„Имајте во вид дека во една повеќе од 2.000 годишна традиција на фрлање на крстот во водите на Охридското Езеро никој од тие момци и девојки кои што скокаат во екстремно ладни услови не се разболел до сега“, вели проф. д-р Зоран Тунтев.
На овој ден градот беше преполн со верници. На малиот плоштад или на локалитетот Сараиште во изминатите години се приготвуваше тон и половина рибна чорба во која уживаа и охриѓани и гостите, се пиеше греана ракија, вино и се пееше прекрасната охридска староградска песна.
Сепак за дел од охриѓани беше посебно доживување објавувањето на дел од архивскиот материјал под наслов Рибарски алманах кој се емитуваше на видео-бим на градскиот плоштад.
„Ги доловивме сите оние рибари од 1934 до 1941 година кои биле впишани во референцата Рибарски референт и со име и презиме од 480 души ние претставивме 150. Со ова им даваме почит на една традиција на оние наши претци кои што се занимавале со рибарство“, изјави Никола Митровиќ- раководител на Охридскиот архив.
Богојавленските празници во Охрид се прославуваат најмасовно бидеќи водата како што велат е симбол на верата, крштевањето и здравјето, а тоа во сегашните улови ни е најпотребно.
Сашо Нелоски
