Размена на идеи за акцискиот план
Ние дадовме наши идеи, тие нивни. Премиерот очекува акцискиот план да се усвои на првата Меѓувладина конференција со Бугарија. Опозицијата со забелешки за смената на еден од членовите на комисијата. Заев открива - историчарот не сакал да го продолжи договорот...

Акцискиот план со Бугарија не е ништо друго освен размена на идеи кои ја продлабочуваат соработката на двете држави во инфраструктурата, транспортот, образованието, дигитализацијата- појасни премиерот Заев. Се разговара и за употребата на скратеното и долгото име на нашата држава, како и за малцинствата, не станува ниту збор дека ќе преговараме за идентитетските прашања- тврди премиерот, неколку дена откако претседателот Пендаровски откри дека во документот се старите бугарски барања.
ВМРО- ДПМНЕ и понатаму бара транспарентност за сите точки од анексот на договорот. Партијата се сомнева дека смената на еден член од историската комисија е увертира за ново попуштање на сметка на интересите на Македонија.
Премиерот информираше дека станува збор за завршување на договорот на членот на комисијата, а тој не сакал да го продолжи. Заев очекува напредок во соработката на двете комисии. За политичкиот дел ќе се разговара по завршување на изборите во Бугарија, кога ќе се подобри атмосферата- вели премиерот.
Марина Стојанова- Тонева
