Филипче: Измената во Законот за лекови доаѓа по барањето на „Фајзер“ кое е на глобално ниво

22.01.2021 12:46

Министерот Филипче вели државата е подготвена да ги прими ветените дози вакцини, но ќе се менува Законот за лекови да се задоволат барањата на производителот...

Измената во Законот за лекови доаѓа после специфичното барање на компанијата „Фајзер” кое го донесоа на глобално ниво, а тоа е за конкретниот продукт, односно вакцината против Ковид-19. Немаат обврска да прават никакви договори со локални компании, туку самите да аплицираат во надлежните институции во секоја од државите, како претставништво од надвор, од странство, за да направат регистрација на продуктот, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.

Тоа, додава Филипче, воопшто не е пречка вакцината да дојде во земјата, и тоа било разговарано и со претставниците на „Фајзер” заради тоа што, како што рече, во нашиот Закон има механизми кои се користеле и претходно и за вакцини и за други препарати да се внесат со т.н. интервентен увоз.

Не може да има регистрација во ниту една од земјите затоа што продуктите се нови, не е тоа возможно да се очекува, ниту пак има потреба бидејќи документите што се даваат за интервентен увоз се сосем доволни заради тоа што ние со тоа се обезбедуваме дека целата постапка на правење на вакцината, контролите во матичните земји каде се направени, контролите од меѓународните лаборатории, сертификатите за квалитет се тоа со што се осигурува квалитетот, рече Филипче.

Министерот вели дека сите вакцини ги евалуираат. Тоа на што ставаат приоритет е да се осигураат во нивниот квалитет.