Поднесена граѓанска тужба за струшката депонија

23.01.2021 16:14

По направено вештачење, поднесена прва граѓанска тужба за струшката депонија. Еколозите бараат итно да се престане да се депонира отпад и нејзина дислокација. Ова е и една од клучните забелешки на УНЕСКО...

Поднесена прва граѓанска тужба за струшката депонија. После направено вештачење дека депонијата, која е во самиот град ја загадува почвата, реката Црн Дрим, Охридското Езеро, со што предизвикува штетни последици врз здравјето на луѓето, тужени се Министерство за животна средина, Општина Струга и Комуналното претпријатие.

Тужбата ја поднесе Македонското здружение на млади правници во соработка со адвокатската канцеларија Стојкоски – Ќатоски, кои бараат итно да се престане да се депонира отпад и дислокација на градската депонија. Еколозите велат во земјава депониите не се по стандардни.

„Во Македонија нема стратегија за третирање на отпадот, ние на хартија имаме, но нема стратегија во фактичкото управување. Ставот на Охрид СОС е дека сега во регионот треба да се донесат компостари, со тоа ќе се редуцира отпадот“, вели Драгана Велкоска од Охрид СОС.

Дислокацијата на депониите во регионот се и една од клучните забелешки на УНЕСКО, надлежните мора да обезбедат безбедно управување со отпад.

„Во светот земјите прават пари од отпад, а ние овде се гушиме и давиме од него. До управувањето е до менталитетот на оние кои ги носат одлуките“ , додава Велковска.

Врз основа на поднесената тужба се очекува судска постапка за решавање на најгорливиот проблем во Струга со деонијата, која години наназад се спалува и ги гуши стружани.

Соња Рилковска