12 невладини организации од Кочани се обединија за почиста животна средина

23.01.2021 15:39

Гласот на граѓанскиот сектор да биде посилен и повлијателен. Со оваа идеја се 12 невладини организации и граѓански здруженија од Кочани, кои формираа „Одбор за здрав живот“. Како приоритетни за решавање на првиот заеднички состанок ги посочија загадувањето на воздухот и стопирање на изградбата на хидроцентрала кај брана Гратче.

Дванаесет невладини организации и граѓански здруженија од Кочани се здружија во „Одбор за здрав живот“ и заеднички ќе се борат за подобрување на животната средина. Иницијативата е на невладината Грин Орг, а освен актуелниот проблем со загадениот воздух, Одборот ќе се залага и за стопирање на најавената изградба на мини хидроцентралата на Мала река над браната Гратче.

Освен еколошки, и здруженија на пчелари, рибари, хуманитарни и верски организации се дел од ова тело. Ние не сме против индустриските капацитети и развојот на општината, сакаме да воспоставиме партнерски однос со надлежните и заеднички да ги решаваме еколошките проблеми, вели претседателот на здружението кое ги застапува интересите на лицата со телесен инвалидитет, кои најсилно ги чувствуваат последиците од загаденоста

Пред неколку децении Кочани важеше за најчист град во државата. Сега се соочува со загаденост и на воздухот и на почвата.

Одборот за здрав живот во Кочани е отворен за сите невладини организации и здруженија во регионот и сите предлози околу актуелните еко проблеми ќе ги доставуваат до надлежните локални и државни институции.

Славица Величковска