Климатските промени негативно влијаат врз Охридското Езеро
Климатските промени се најголемиот фактор кој што негативно влијае врз нивото на Охридското Езеро, но и човекот поради контролираното или неконтролираното испуштање на вода од езерото за потребите на хидроцентралите. Минатата година е забележан недостаток од двеста милиметри воден столб на метар квадратен, а за тоа да се надомести ќе треба да има подолг период од врнежливи денови и голема снежна покривка на планините...

Достапните хидрометеоролошки податоци покажуваат дека средногодишното количество на врнежи во Охрид во изминатите две децении изнесувало 705 милиметри на метар квадратен, а лани се регистрирани само 550 милиметри или една четвртина помаку што значајно влијаеше на нивото на водата во Охридското Езеро. Ако на тоа се додадат зголемувањето на темпертурата на воздухот за 0, 6 степени во изминатите две децении и зголемената брзина на ветерот што придонесува за поголемо испарување на водата, може да се рече дека состојбата станува алармантна.
„Минатата година се регистрирани 75 дена со врнежи од дожд, додека претходните години , посебно од 2000-та до 2010-та тој број бил 110 врнежливи денови. Минатата година имало 7 дена со снег за разлика од 2000-тата година кога во тој десетгодишен период имало по 20“, изјави Ѓоко Зороски- еколог.
Ваквата состојба може да се надмине само доколку има поголем број врнежливи денови и голема снежна покривка.
„Се сушат крајбрежните литерални делови од езерото и тие организми што живеат тука, што се прикрепени на самото дно измумираат. Значи тука живеат голем број на ендемични организми кои што имаат таков начин на живот. Навикнати се да живеат на крајбрежните делови, на камења, на карпи и алги и други животни“, вели Зороски.
Ако веќе не можеме да влијаеме на климатските промени мора да ја зголемиме грижата околу тоа колку и како се користи езерската вода за потребите на електраните, вели Зороски . Време е езерото да прекине да се третира како акумулација.
Сашо Нелоски
