Температурите поволни, претстои кроење на лозјата
Ќе има ли поблага зима годинава. Засега нема најава за поларни температури кои можат да направат штети на земјоделските култури. Хидролошката состојба е поволна, влага во почвата има доволно, а растенијата се во фаза на презимување. Прекуметната водата на одделни места единствено може да ги спречи лозарите да влазат во нивите за да почнат со кроењето на лозовите насади...

Промената на времето во текот на изминатиот викенд, со влажен бран и нови врнежи од дожд, значително ја подобри хидролошката состојба. Засега вода во почвата има доволно, насобрана и од предходните врнежи кои беа неколку пати надпросечни на сите мерни места.
Во текот на оваа седмица се очекува стабилизирање на времето, со повисоки дневни и утрински температури, што ќе создаде и добри услови за земјоделските култури кои се наоѓаат во фаза на презимување.
Ова е период кога земјоделците имаат малку работи кои можат да ги извршуваат на отворено.
Им претстои подготовка за почеток на кроење на лозјата, но преголемата површинска влага на почвата како резултат на големите количества на врнежи, тоа насекаде не им го дозволуваат, односно е изводливо само на одредени типови на почви од кои водата полесно се исцедува.
Вообичаените работи во оранжериското и пластеничкото производство продолжуваат непрекинато и во наредниот период, заради контролираните услови за одгледување на културите без надворешни климатски и атмосферски влијанија.
Методија Трајков
