Собранието со консензус ги донесе измените на Законот за лекови
Опозицијата го поддржа решението, но критикуваше дека се загубило драгоцено време...

Со 70 гласови „за“, Собранието ги донесе измените на Законот за лекови. Со ова се создаваат условите за спроведување на процесот за имунизација. Власта тврди дека ќе имаме квалитетен процес. Опозицијата го поддржа решението, но критикуваше дека се загубило драгоцено време.
Опозициските пратеници истакнаа дека според нив многу е несериозно тоа што го направила Владата бидејќи прво што требало да се направи е дека таа требала да ги поднесе овие измени многу порано, со што ќе се овозможеше влез на овие вакцини во земјата, а не тоа да го направи група на пратеници. Граѓаните од регионот веќе се вакцинираат, почнувајќи од Србија која е на второ место во Европа со 430.000 вакцинирани, нагласија тие. Опозициските пратеници за оваа состојба ги обвинуваат министерот за здравство Венко Филипче и премиерот Зоран Заев, кои вакцините го најавиле за многу претходно, а кај нас ги нема.
Во Дополнетиот Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за лековите и медицинските средства, по скратена постапка се прецизира дека за ставање на вакцина за SАRS COV 2 во промет, покрај претходно предвидените правни лица, барањето може да го поднесе и производител на лекови со регистрирано седиште надвор од територијата на Република Северна Македонија, правен застапник на странски производител со регистрирано седиште надвор од територијата на Република Северна Македонија, подружница на странски производител со регистрирано седиште надвор од земјава и трговско претставништво на странски производител со регистрирано седиште надвор од територијата на Република Северна Македонија.
