Куманово

Недоволен интерес за вакцинација на миленици

02.02.2021 15:08

Почна вакцинацијата против беснило за домашните миленици, но интересот за вакцинирање не е на задоволително ниво. Причина за ова може да биде и задолжителното чипирање, за кое дополнително се плаќа, информираат од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово. Проблем во оваа општина се и кучињата скитници.

Слаба е заинтересираноста за вакцинација против беснило за домашни миленици, информираат од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово. Од таму посочуваат дека е во тек вакцинацијата, која чини 590 денари, но велат секоја година е помал бројот на сопственици кои одговорно ги чуваат милениците.

„Луѓето избегнуваат веројатно заради економската состојба, плус се обврзани да ставаат и чипови, кои една година беа на товар на државата, меѓутоа кој искористи, кој не, сега мора да ги плаќаат“, изјавиа Димитар Венев, доктор од  ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“ од Куманово.

Од центарот укажуваат и дека загрижува што се зголемува бројот на бездомни животни. Предлагаат државата да обезбеди средства за кастрација на кучињата.

„Како може милениче од 50 килограми да се најде на улица, тоа се кучиња кои доаѓаат од руралните средини знаеме дека таму е популацијата возрасна и како домот се затвори, тие миленици доаѓаат во град“, посочи Ванев.

Според податоците, на ниво на Куманово има 500 бездомни животни. Кумановци велат дека итно мора да се реши проблемот со кучињата скитници, кои може да се забележат на плоштадот, кејот, пазарот.

„Има некои питоми, некои дали од глад, напаѓаат луѓе, деца“- вели еден кумановец.

„Баш стравуваме, пред малку две кучиња велам ќе не каснат, да се отстранат, да се најде стационар“- дополнува повозрасна кумановка.

„Не се многу опасни меѓутоа децата стравуваат, бегаат“- нагласува граѓанин.

Куманово се уште нема центар за сместување на кучиња скитници. Од општината неодамна посочија дека не можат да издвојат средства за таква инвестиција.

Елена Георгиевска