Прилеп

Дрвократството зема замав

02.02.2021 15:13

Во прилепско и во земјава сѐ уште нема лек за дрвократството. Во последно време зема замав, организиран криминал е со кој институциите мора да се справат со поригорозни мерки и законски измени. Нашата екипа беше на теренот по реакциите на жителите во прилепско и ги затекна дрвократците во уништувањето на шумите...

Хектари шуми, расадници. Постојано под ударот на дрвократците. Организирано се на теренот и уништуваат. Доведено е до пустош. Вака реагираат жителите и сопствениците на имоти во прилепските села Оревоец и Крстец. Молат за помош, собираат петиции, реагираат за да се заштитат имотите и средината од опасните дрвократци.Се жалиме, реагираме, ама ништо не се променило, велат очајно.

Нашата екипа беше на теренот. Жителите нагласуваат- и во овој момент дрвократците пустошат. Одат организирано со 20-30 коли, шпедитери, ни е страв за животот. Постојано пријавуваат во шумската полиција и во полициските станици.

Природата ги трпи неизбришливите траги на пустошењето. Од прилепската Шумска полиција признаваат - дрвократството е во подем. Тоа е организиран криминал со кој тешко се справуваат. Им недостасуваат технички средства. Најнападнати се Дервен, Оревоец, Крстец, Плетвар, Долненско. Се закануваат и се опасни. Неопходни се ригорозни мерки и законски измени за потешки казни.

 

Елизабета Митреска