ДУИ ги поддржува барањата на матурантите, бојкотот продолжува до крајот на неделата
ДУИ најави дека преку претставниците во владата ќе се обиде да најде компромис помеѓу барањата и цврстиот став на Министерството за образование и наука.

ДУИ ги поддржува барањата на матурантите, наместо четири да полагаат два предмети. Но, засега не се знае дали ќе ги поддржат предлог- измените што ги поднесе ВМРО-ДПМНЕ. ДУИ најави дека преку претставниците во владата ќе се обиде да најде компромис помеѓу барањата и цврстиот став на Министерството за образование и наука.
Сојузот на средношколци најави дека бојкотот на наставата продолжува до крајот на неделата. Доколку владата остане глува на нивните барања, решение за проблемот ќе бараат преку Собранието, односно пратениците да отворат дебата и да се гласаат измените на содржината на државната матура.
Матурантите поддршка добија од сите опозициски партии. Ставот на владејачката СДСМ е дека промени на моделот за матура не може да донесат пратениците, туку тоа мора да го направи Министерството или Бирото за развој на образованието. Оттаму велат дека матурантите решение треба да бараат во ресорот за образование.
