Пратениците расправаат за интерпелација на вицепремиерот Димитров
Во Собранието се разгледува интерпелацијата на вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, поднесена од 37 пратеници на опозицијата. Во расправата Александар Николовски од ВМРО-ДПМНЕ нагласи дека името беше сменето, се случи скандалозоно менување на Уставот, а датумот за почеток на преговори со ЕУ не е добиен...

Не само што не добивме почеток за преговори со Европската унија, туку и државата оди назад, истакнаа од ВМРО-ДПМНЕ образложувајќи го барањето за отповикување на вицепремиерот за европски прашања Димитров. Името беше сменето, се случи скандалозно менување на Уставот, но датумот за почеток на преговори со Европската унија не е добиен, а неизвесно е кога и дали воопшто ќе ги почнеме преговорите, истакна од собраниската говорница опозицискиот пратеник Александар Николовски.
Димитров, пак, тврди - македонскиот идентитет е наша црвена линија, а датумот за преговори со Унијата не бил испорачан затоа што не правеле компромиси за идентитетот и јазикот.
Од владејачката партија велат, ВМРО-ДПМНЕ не раскара со сите соседи додека беше на власт, додека СДСМ гради мостови на пријателство. Од ВМРО- ДПМНЕ возвратија, најпозитивниот извештај досега од Европската комисија беше во 2011-та година во времето на владеењето на оваа партија.
Марија Котовска
