Над половина од матурантите сѐ уште ја бојкотираат наставата
Над половина од матурантите сѐ уште ја бојкотираат наставата, незадоволни од Министерството за образование, кое не го прифаќа нивниот предлог за полагање на државна матура. Од Сојузот на средношколци, велат дека останати матуранти имале голем број притисоци и закани од просветниците работници дека нема да ја поминат годината, ако не се вратат на настава. Ако властите немаат слух- бојкотот може да се замени со протест...

Бојкотот на наставата продолжува и денеска со исто темпо, во градовите каде како што велат од Сојузот на средношколци, имале поголемо влијание, но и теренски активности каде матурантите доволно се запознале со проблемите поврзани со државната матура.
Според сојузот, најупорни се матурантите во Куманово, Тетово, Гостивар, Охрид, Струга, Прилеп, Битола и Велес, кои не потклекнуваат на притисоците и не се откажуваат од бојкотот.
Денеска е единаесети ден од бојкотот. Во државата над половина од матурантите не следат онлајн настава, или околу 10.000 матуранти, вели Бленди Ходаи од Сојузот на средношколци. Сите притисоци и закани од просветните работници ги чуваме и документирани, а наскоро ќе ги објавиме во јавноста.
Бојкотот ќе трае до петок. Викендов ќе се одлучи што понатаму. Не се исклучува можноста да се протестира, ако Министерството за образование не го промени ставот околу намалување на предметите за полагање на државна матура од четири на два.
Зоран Димовски
