Почна пријавувањето за имунизација преку „Вакцинација.мк“

11.02.2021 09:35

На веб-страницата граѓаните треба да пополнат апликација за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19, со што директно ќе се регистрираат во националниот систем „Мој Термин“. Министерот Филипче синоќа на Фејсбук соопшти дека за само неколку часа на веб-страницата се регистрирале повеќе од 8.000 граѓани.

За пријавување за вакцина против КОВИД-19 заинтересираните граѓани од вчера може да се регистрираат на веб-страницата vakcinacija.mk, за која имаше проблеми во функционирањето и се правеа завршни технички прилагодувања за целосна функционалност. Министерот Филипче синоќа на Фејсбук соопшти дека за само неколку часа на веб-страницата се регистрирале повеќе од 8.000 граѓани.

На веб-страницата граѓаните треба да пополнат апликација за искажување заинтересираност за вакцинација против КОВИД-19, со што директно ќе се регистрираат во националниот систем „Мој Термин“.

Сите апликации кои ќе пристигнат ќе бидат внесени во оваа база, со што ќе се ажурира податокот кој за секој пациент го гледа матичниот лекар. Нема потреба дополнително пациентите да го бараат или информираат својот матичен лекар дека се регистрирале за да примат вакцина. Согласно распоредот предвиден во планот за вакцинација, матичниот лекар ќе ги повика и ќе ги информира за точниот датум и час кога треба да се вакцинираат на пунктот кој ќе го изберат при регистрацијата,  информираше Министерството.

Може да се пријави секој граѓанин, а системот ќе генерира кои се приоритетни за вакцина. Вакцинацијата ќе почне со здравствените работници и со лица над 70 години.