Османи на средби со претседателките на двата дома во белгискиот парламент

11.02.2021 11:53

Фокусот на разговорите беше ставен на европската интеграција на Северна Македонија, добрососедските политики во регионот, внатрешно - политичката состојба во земјата, регионалната соработка и севкупната состојба, ако и за други актуелни меѓународни прашања со геополитичка конотација.

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, работната посета на Кралството Белгија ја продолжи со посета на белгискиот парламент, каде оствари средба со претседателката на Федералното собрание на Кралството Белгија, Елиан Тилие и со претседателката на Сенатот, Стефани Д'Хос, соопштуваат од МНР.

Фокусот на разговорите беше ставен на европската интеграција на Северна Македонија, добрососедските политики во регионот, внатрешно - политичката состојба во земјата, регионалната соработка и севкупната состојба, ако и за други актуелни меѓународни прашања со геополитичка конотација.

Османи упати благодарност за принципиелната позиција на Белгија, рефлектирана преку поддршка на европскиот пат на нашата држава, како резултат на постигнатите реформи, особено во делот на добрососедската политика.

„За нас, за нашето општество, за администрацијата и за сите прогресивни сили во државата е неопходно соодветно валоризирање на постигнатиот напредок во нашата земја од аспект на евроинтеграциите; тоа ќе биде од големо значење и за задржување на кредибилитетот на Европската унија во регионот“, истакна Османи.

За време на разговорите беше упатена и честитка за идното претседавање на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 и заложбите за наша контрибуција кон човековите права, демократијата и владеење на правото.