Здравство

Вакцините од Србија не стигнаа, граѓаните се пријавуваат за имунизација

11.02.2021 14:20

Околу 24 илјади граѓани се пријавиле преку електронската апликација за вакцинирање. Дозите „Фајзер“ од Србија не стигнаа. Примопредавањето е одложено за наредните денови, заради неопходна техничка документација...

Иако првично најавенодека ќе пристигнат во 14 часот на граничниот премин Табановце, во земјава ниту денеска не стасаа првите вакцини. Примопредавањето на осумте илјади дози од „Фајзер“, кои ни ги отстапи соседна Србија е одложено за наредните денови. Како причина се наведува неопходноста од дополнителна техничка документација. Скопје и Белград излегоа со исто образложение.

„Ве известуваме дека заради потребата од усогласување на техничка документација околу доставувањето на вакцините, настанот кој беше најавен за 11.02.2021 година (четврток), на граничниот премин табановце се одложува за друг датум следните денови, за што дополнително ќе информираме“, стои во образложението.

Овие вакцини веќе неколку недели чекаат одобрување од производителот за да влезат во земјава. Беше предвидено, српскиот претседател Александар Вучиќ да им ги предаде дозите на македонскиот премиер Заев и на министерот за здравство Филипче.

Остри реакции стигнаа од опозицијата. 

„Ова е брука и голем срам кој ни се случува на сите. Не само што сме последни, туку почнаа веќе и мајтап со нас да си играат сите. Наместо да седнат и да ги потпишат нивните оставки, тие уште ги гледам се обидуваат да наоѓаат оправдувања преку некои ступидни соопштенија кои ги лиферуваат во јавноста и велат недостасувале документи, им недостасува памет“, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

СДСМ реагира, укажува на притисоците со кои и Европа се соочува за набавката како и производителите на вакцини. Колку и да не му се допаѓа на Мицкоски, велат во СДСМ, вакцините се обезбедени имунизацијата почнува наскоро.

Додека се чекаат вакцините, продолжува пројавувањето интерес за имунизација. Повеќе од 20 илјади граѓани се пријавиле преку веб страната „вакцинација.мк“. Според изготвениот план, први ќе се имунизираат околу 4.000 здравствени работници и хронично болните. Во пунктовите низ земјава дневно вакцина ќе можат да примат до 2.500 лица.

Земјава сѐ уште ги очекува дозите на кинеска „Синофарм“, речиси 6.000 илјади на „Фајзер, а идниот месец и повеќе од 100 илјади вакцини на „АстраЗенека“ преку ковакс- системот. Од надлежните  беа ветени  и вакцини од Бугарија, Грција и Полска кои се уште не се пристигнати.     

 

Андријана Атанасовска