Иванов за 27 април: Небулоза е дека сум сакал да прогласам воена состојба
Поранешниот шеф на државата Иванов, се појави како сведок на одбраната на обвинетите во настаните од 27 април 2017. Во исто својство беа повикани повеќе сведоци, меѓу кои и Биљана Бришковска Бошковски и Цветан Трипуновски...

Не добил информација од службите за организиран упад на толпа народ во Собранието ниту имал информации дека ќе се оневозможува мирното примопредавање на власта, кажа во своето сведочење поранешниот претседател Иванов. Потврди дека го поддржувал движењето „За заедничка Македонија“, кое според него произлегло како одговор на т.н. „Платформа од Тирана“ и наводните изјави дека Македонија не треба да постои како држава.
Во кабинетот пристигнуваа стотици иницијативи, изјави поранешниот шеф на државава. Тој ги нарече небулозни информациите дека критичниот ден планирал да прогласи воена состојба. Се беше шпекулација кога една такава вест се појави во еден неделник, една седмица пред настанот. Со нив бевме дискредитирани и јас и Армијата, посочи Иванов.
На прашање дали лицето Синиша Алексовски го известувал за своите активности, Иванов рече дека освен што усно бил информиран, за сѐ друго постојат пишани белешки. По настаните барав да се врати, откако се врати Синиша ми ја покажа фотографијата од Живављевиќ и неговата комуникација со него. Живављевиќ му кажал дека во Собранието бил на барање на амбасадата за да види дали има и српски граѓани при упадот во Собранието, посочи Иванов.
Фиљана Кока
