Откриен сосема нов вид на коронавирусот
Во Британија откриен сосема нов сој на коронавирусот кој веќе се проширил во 10 земји. Светската здравствена организација ја одобри вакцината на „АстраЗенека“ и на Оксфордскиот универзитет за итна употреба...

Додека светот се приближува до бројката од 110 милиони заразени, истражувачите од универзитетот во Единбург идентификуваа уште еден сосема нов вид на коронавирусот во Велика Британија. Министерот за вакцини на Обединетото Кралство, Надим Захави, рече дека потезите за ублажување на рестриктивните мерки ќе бидат „водени од податоци, а не од датуми“. Додаде и дека целта е вакцината да се понуди на целата возрасна популација до септември.
„Треба да бидеме водени од податоци, не само од датум. Треба да ги следиме доказите од научната советодавна група за итни случаи за да се осигураме дека што подобро ќе го контролираме овој вирус. Нашиот излез од оваа пандемија е програмата за вакцинација, за која се осигуруваме дека ќе ја испорачаме што е можно побрзо, заштитувајќи ги најранливите, а потоа и целата возрасна популација“, изјави Захави.
Минатата година во декември во Велика Британија беше откриен новиот сој на мутираниот коронавирус, за која се смета дека позаразен за 70 насто од изворната варијанта. Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел ја поздрави одлуката на британскиот премиер Џонсон за заедничка работа на договорот за пандемијата. Претходно Џонсон изјави дека е подготвен за усвојување глобален договор за пандемијата со кој државите би се обврзале на меѓусебна размена на информации. Во меѓувреме СЗО одобри уште една вакцина за итна употреба.
Инаку, според австриска медицинска студија, луѓето со прележан Ковид-19 имаат 91 процент помал ризик од инфекција во следните седум месеци. Нивото на имунитет е за 4 проценти пониско споредено со имунитетот кој што го дава вакцината на „Фајзер“. Според студијата во Австрија тоа значи дека претходна инфекција со коронавирус создава заштита како и вакцинираните лица.
Европската унија, пак, најави дека ќе почне програма за проучување на мутациите на ковид-19. Целта е борба против идните пандемии и подобра координација помеѓу лабораториите, со контролирано споделување на лиценците, но и да ги обедини здравствените власти и научниците на европско ниво.
Марина Ристова
