До крајот на неделава се очекуваат 200 илјади дози од „Синофарм“
Здравствените власти очекуваат до крајот на неделава, покрај преостанатите дози на „Фајзер“ од Србија, во земјава да стигнат и 200 илјади вакцини од кинеската „Синофарм“. Заменик министерот Хасани се вакцинираше, првата доза ја примиле над 1.300 здравствени работници...

Заменик министерот за здравство ја прими првата доза од антиковид вакцината на „Фајзер“. Се чувствува добро, ги повика граѓаните да го следат неговиот пример и да се пријават за имунизација, бидејќи тоа е единствениот начин да се стави крај на епидемијата со коронавирусот.
Хасани очекува до крајот на неделава во земјава да стигнат 200 илјади дози од кинеската вакцина на „Синофарм“. За руската „Спутник“ не сакаше да коментира бидејќи договорот за набавка бил во тек. Оптимист е дека во март ќе стигнат од 20 до 40 илјади вакцини преку Ковакс системот. Од овие вакцини зависи кога всушност ќе започне имунизацијата на населението.
Во модуларната болница денеска се имунизираа здравствените работници од Тетово, Гостивар, Велес и од Штип.
Имунизацијата на медицинскиот персонал во земјава почна да се спроведува минатата недела со вакцини кои ни ги донираше соседна Србија. Со нив можат да се вакцинираат околу 2.000 здравствени работници, а досега првата доза ја примиле околу 1.300.
Андријана Атанасовска
