Висок процент малолетнички бракови на југоистокот
Малолетничките бракови во југоистокот и понатаму со висок процент. Дури 47 малолетнички минатата година излегле од дома со цел остварување на брачна заедница. Социјалните работници алармираат, мора да се работи во насока на искоренување на малолетничките бракови...

Малолетнички бракови, невести од по 13, 14, 15 години, сепак се регистрирани во југоистокот. СВР - Струмица која го покрива регионот, за една година регистрирала 47 пријави од родители чии што деца заминале од дома, некои сами се вратиле, а некои се вратени со полициска интервенција.
Социјалните работници сметаат дека најчести причини за малолетничките бракови се нискиот степен на образование, социо- економскиот статус, невработеноста и сиромаштијата, традицијата. Алармираат дека се потребни едукации, особено во малцинските заедници.
Од малцинската заедница во Струмица потврдуваат дека е потребна едукација за искоренување на малолетничките бракови.
Последното истражување на УНИЦЕФ покажува дека бројот на млади девојки на возраст од 15 до 19 години кои стапиле во брак или живеат во заедница на национално ниво е 4%. Кај Албанците оваа бројка е 6%, кај Македонците е 2%, додека во ромските населби тој изнесува дури 22%.
Стојне Митева
