Спасовски: Сметаме дека Мијалков е во државава

23.02.2021 16:45

Ги отфрлам шпекулациите за какви било договори, активно трагаме по Сашо Мијалков – министерот Спасовски излезе пред јавноста. Премиерот Заев свика состанок со надлежните институции и бара да го лоцираат Мијалков...

Полициските проценки укажуваат дека бегалецот Сашо Мијалков сѐ уште не ја напуштил земјава – изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Полицијата не го следела Мијалков, туку прикриено го набљудувала, појасни првиот полицаец. Тој, два дена од бегството се огласи со детали околу комуникацијата со Обвинителството. Спасовски не гледа вина во него и во ресорот што го предводи за да поднесе оставка. Праша зошто Обвинителството порано не побарало притвор, ако ценеле дека е потребно. Одговорност треба да се бара во нецелосниот систем, рече Спасовски.

Спасовски рече дека друг член на Владата уште во петокот добил информација од некој обвинител дека Мијалков се подготвува за бегство. За разлика од првиот полицаец, обвинителката Вилма Рускоска вели дека рано е за посочување директна одговорност. Нејзините информации биле дека Мијалков ќе бега преку зелениот појас кај кумановско.

Во Владата раздвижено. Сите одговорни на надлежни институции утрината кај премиерот Заев брифирале за чекорите кои биле преземени и се преземаат. Шефот на владата побарал итно лоцирање на бегалецот. Министерката за одбрана Шекеринска, пак, рече дека некој ќе треба да понесе и морална и политичка одговорност.

Предистражната постапка за бегството на Мијалков сѐ уште трае. Во понеделникот на распит биле десетмина од семејството и опкружувањето на Мијалков. Распитот продолжува и денеска, се проверуваат локации, а одземени се телефони и други предмети кои би помогнале во лоцирањето на Мијалков.

 

Миле Ристески