Заев: Мијалков немаше друг избор, освен да замине во притвор

23.02.2021 20:47

Редовните и вонредни мерки за пронаоѓање на Сашо Мијалков во изминативе 40 часа дадоа резултат, институциите ја завршија работата, изјави премиерот Заев. Рече дека тој координирал со акцијата, па Мијалков кој првично избегал, немал друг избор. Шефот на владата смета дека пријавувањето во обвинителството не треба да му се смета за олеснителна околност. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски бара оставка од Владата поради, како што рече, циркусот што го приредила. „Конечна правда ќе имаме кога Заев и Мијалков ќе завршат во затвор“, изјави Мицкоски...

Сашо Мијалков се пријави во Обвинителството – премиерот Заев изјави правдата е обезбедена. Тврди дека поранешниот шеф на УБК сакал да избега, но силната координација на институциите со кои раководтел, можноста за запленување имот на семејството Мијалкови, како опасноста членови на семејството заради прикривање да бидат ставени во притвор, резултирало со тоа Мијалков сам да се пријави, а имало и комуникација со неговите адвокати.

За Заев обезбедувањето на Мијалков е успех на институциите, при тоа не прифаќајќи одговорност што два дена никој не знаеше каде да го лоцира Мијалков, кој се самоизлорирал од семејството поради, како што самиот изјави, висока температура и ковид симптоми.

„Ова е циркус, доста е играње со интелегенцијата на народот“- му одговори на премиерот Заев лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски. Се договорија да избега па да се врати со шамар за обвинителството, судот и власта, смета Мицкоски, потенцирајќи дека жестоката јавна реакција спречила спречила фијаско и бегство, а хаваријата од 10-тина часови го упропастиле системот.

И додека премиерот Заев вели дека ваков одговор од институциите ќе добие секој што сака да си игра со правдата, Мицкоски смета дека циркусот нема да заврши со лисици, туку со договор. Според СДСМ, пак, државата и институциите покажале капацитет и бескомпромисност во обезбедување на правда, иако мора да се истражат пропустите поради кои се случи обидот за бегство на Мијалков.

 

Миле Ристески