Захариева: ЕУ и САД не можат да нѐ притиснат да попуштиме
Бугарија нема да подлегне на притисок и да дозволи пристапни преговори на Северна Македонија, доколку не се исполнети условите- изјави вицепремиерката Захариева за Бугарската национална телевизија, само ден по остварената средба со министерот Османи, по која од официјална Софија стигна порака дека Бугарија ја поддржува европската интеграција на земјава. Заседаваат историчарите. Средба на мешовитата Македонско- бугарска експертска комисија...

Записникот од десеттата средба, учебниците за седмо одделение кај нас, како и прашањето за ликот и делото на Гоце Делчев- ова е се дел од темите на дводневниот состанок на мМакедонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања. На последниот состанок, одржан минатиот месец, работата заглави кај придавката „македонски“. Новата рунда разговори на историчарите доаѓа само еден ден по средбата меѓу шефовите на дипломатиите на двете земји, Османи и Захариева.
„Се разговараше за Акцискиот план за меѓусебна соработка и можноста за неговата финализација, во функција на евентуално договарање на втората меѓувладина конференција меѓу двете влади“- соопшти МНР.
Захариева на средбата ја потврдила принципиелната поддршка на Софија за европската интеграција на Македонија, но со исполнување на условите. Таа за тамошните медиуми говореше и за тоа какви треба да бидат очекувањата во однос на понатамошните преговори.
„Ниту една земја членка на ЕУ, ниту пак САД може во иднина да ја притисне Бугарија да попушти и да дозволи пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ. Тие треба да разберат дека Европската Унија не функционира како Југославија. Никој не може нам да ни наложи што да правиме во Унијата“, изјави Захариева.
Шефицата на бугарската дипломатија потврди дека се прават напори за изнаоѓање начин за испорака на ветените вакцини за земјава, за справување со пандемијата.
Марина Стојанова- Тонева
