Собрание

Бегството на Мијалков во фокус на пратеничките прашања

25.02.2021 16:18

Пратенички прашања во парламентот. Случајот со екс- шефот на тајната служба е скапо платен циркус, имало договарања за да се врати во државата, велат ВМРО- ДПМНЕ. Криминалот и корупцијата се одлика на вашето време, возврати министерот Спасовки. На обвинувањата на Алтернатива и Алијанса, дека лежат невини лица за петкратното убиство кај Смилоковското Езеро, премиерот Заев со став- „Монструм“ не е монтиран процес...

Бегството на Мијалков тема на пратеничките прашања во Собранието. Опозицијата обвинува, власта возвража. За Игор Јанушев од ВМРО- ДПМНЕ случајот со екс шефот на тајната служба е скапо платен циркус реализиран од, како што рече, мафијата која има држава. Имало договарања за Мијалков да се врати во државата, рече Јанушев, според кого заканите на власта кон семејството на Мијалков го натерале бегалецот да се врати.

Мафијаштвото ви е вам познато- одговори првиот полицаец Оливер Спасовски кој негира било какви договарања со Мијалков. Криминалот и корупцијата се одлика на вашето време - возврати Спасовски.

За Алијанса и Алтернатива- цел на интерес пресудата за случајот „Монструм“. Лежат невини за петкратното убиство кај Смилковското Езеро, рече пратеникот Скендер Реџепи.

Премиерот Заев, дециден- сѐ што имав споделив со институциите. Судството е тоа кое ги цени доказите. „Монструм“ не е монтиран процес.

Одлика на денешните пратенички прашања се препирките меѓу власта и опозицијата- кој ја уништил државата и кој покриминално владеел.

 

Миле Ристески