Тетово три дена без вода за пиење

25.02.2021 16:28

Голем дефект на новиот водовод во месноста Лешница на Шар Планина ги остави тетовци веќе трет дена без вода за пиење. Од ЈКП Тетово работат на санацијата, но не знаат кога ќе се острани поради непристапниот терен...

Чешмите суви, резервите со вода во шишиња полни. Веќе трет ден тетовци се соочуваат со 12 часовна рестрикција на водата за пиење. Прекините во водоснабдувањето се резултат на дефектот на новиот водовод, кој сега не е во функција.

Од ЈКП Тетово велат дека работат на остранување на дефект на новиот водовод. Станува збор за пукнат цефковод на непристапен терен во месноста Лешница, на околу 6 километри од село Бозовце. Оштетувањето настанало по неколкуте ерозивни процеси на земјата.

Моментално се вршат зафати и се утврдува колкаво е оштетувањето на цефководот, кој е затрупан со наноси од земја и снег.

Новиот водовод за Тетово беше пуштен во употреба пред 4 години. Зимава во овој систем се појавија повеќе дефекти и истиот не беше во фунцкија. Од невладината Еко Герила се сомневаат на стандардите при градба на овој систем.

Кога ќе се острани дефектот е неблагодарно да се каже, ако се земе во предвид дека се работи за планински терен и работа во екстремни услови, велат од ЈКП Тетово. Рестрикциите ќе траат и понатаму, а водата апелираат што порационално да се користи.

 

Зоран Димовски