Сѐ повеќе жени умираат од рак на грлото на матката

26.02.2021 16:10

Сѐ повеќе жени умираат од рак на грлото на матката. Земјава е дел од глобалниот тренд. Светската здравствена организација алармира- следната декада да се работи интензивно на поорганизиран скрининг и ХПВ имунизација за да се влијае на црната статистика. И домашните лекари со апел- жени, одете редовно на преглед...

Растот на новооткриени случаи на рак на грлото на матката не е загрижувачки само во Македонија, туку и во светот. СЗО алармира, наредните 10 години интензивно да се работи на поорганизиран скрининг за рано детектирање, ХПВ имунизација, како и унапредување на третманот за лекување на потврден карцином. Кај нас, на сите три полиња има сериозни проблеми, вели доктор Алулоски, претседател на комисијата при Министерството за здравство.

Иако Македонија меѓу првите ја стави ХПВ вакцината во редовниот календар за имунизација, пред две години опфатот бил само 57 проценти, што не е задоволитено ниво, вели доктор Алулоски. Австралија со преземените мерки се стреми бројот на нови случаи на рак на грлото на матката да биде под 3 случаи на 100 илјади жители. Македонија има пет пати повеќе случаи. Над 15 на 100 илјади жители.

Според податоците на надлежните во Македонија, секоја година се детектираат околу 160 нови пациентки со рак на грлото на матката. За жал 30-тина од нив ја губат битката со болеста. 

 

Наташа Јанчиќ Менковски