Почна пописот на иселениците
Во првата фаза од пописот, освен иселениците ќе бидат евидентирани и вработените во дипломатските преставништва и нивните семејства и припадниците на Армијата ангажирани надвор од земјава...

Кога сте се отселиле, каде престојувате, колкумина во семејството се македонски државјани, дали имате странско државјанство, колку често се враќате дома- ова се дел од прашањата на кои од денес ќе треба да одговорат македонските иселеници во Франција и во останатите земји во светот. Според последните неофицијални проценки, во оваа земја живеат околу 10.000 македонски државјани, бројка која изгледа голема, но невозможно да се провери. Во меѓувреме многу македонски граѓани по различни основи дојдоа да живеат или престојуваат во Франција, по распадот на поранешна Југославија.
Македонската амбасада во Франција на својата Фејсбук страница веќе објави дека нашите сограѓани ќе можат да се попишуваат, од денес до 21 април. Информирани се и трите македонски здруженија во Франција за да ги информираат своите членови.
Но, од изутринава, иако вашиот известувач се обидува да се приклучи на двете апликации за попишување на иселениците, тоа е невозможно, можеби зошто многумина поитаа да се попишат уште од денес.
Тони Гламчевски, дописник од Франција за МРТ
