Заев: Пописот на дијаспората не може да биде нарушен со попишување на лица од земјава
Не е возможна злоупотреба на системот за електронско попишување на нашинците од дијаспората затоа што државата има механизам преку осум бази на податоци да провери дали информациите во пријавата се вистинити, вели премиерот Заев...

Не е возможна злоупотреба на системот за електронско попишување на нашинците од дијаспората затоа што државата има механизам преку осум бази на податоци да провери дали информациите во пријавата се вистинити, вели премиерот Заев. Ваквиот одговор стигна откако граѓани на социјалните мрежи објавија дека успеале да се попишат од дома, во Македонија на начин што наместо ИП адреса од земјава се регистрирале со ВПН, користејќи адреса од странство.
„Државата со еден клик може да види кои граѓани се нерезидентни, односно се повеќе од една година надвор од државата. Сите други граѓани кои се во странство помалку од една година, па дури и 11 месеци, се резиденти. Иако во моментов може да се попише некој што е и два месеци надвор, според Евростат и по меѓународните стандарди тој е резидент, односно не спаѓа во групата дијаспора или нерезидентно население“, изјави денеска премиерот Заев.
Самата споредба на базата на податоци, нагласува Заев, ги дава деталите. Во моментот се попишувва нашата дијаспора, односно граѓаните кои живеат надвор од земјата повеќе од една година, истакна премиерот.
Во јавноста денеска излегоа информации дека на платформа за попис на дисјаспора може да се попишуваат и лица од Македонија, на што реагираа и од Државниот завод за статистика од каде истакнуваат дека до апликацијата за попишување наменета за дијаспората, може да се пристапи само со ИП адреса од странство, а оти секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.
