Образование

Царовска: Остануваме на интегрираниот модел

03.03.2021 15:02

Остануваме на интегрираниот модел на педагогија затоа што тој дава резултати, изјави денес министерката за образование, Царовска. По повод 95-годишнината од смртта на великанот Крсте Мисирков, денес беше свечено отворена подновената спомен-соба на Мисирков во Институтот за македонски јазик во Скопје …

Остануваме на интегрираниот модел на педагогија, бидејќи сметам дека на тој начин ќе постигнеме преминување од фактографско кон учење со разбирање и проблемско надминување на прашањата – изјави министерката за образование Мила Царовска, откако Владата на седница ја усвои концепцијата за основно образование, во чија подготовка беа вклучени сите засегнати страни. На дискусијата најмногу забелешки имало за наставниот предмет историја како и за употребата на албанскиот јазик, рече Царовска.

„Наставниот предмет Историја или научната дисциплина што е интегрирана и таа останува интегрирана до шесто одделение. Во шестото одделение во насловот на самата група предмети одиме со Историја и општество, до шесто одделение со Општество. Околу употребата на албанскиот јазик дали да биде во изборен или да биде како трет изборен јазик или да оди со странски јазици, останавме на изборен предмет од шесто одделение“, изјави министерката за образование и наука.

Во подготовката на документот, како што соопштија од Владата, посебен акцент ставен на континуираниот професионален развој на наставниците според европските стандарди.

Во период на превирања за македонскиот јазик, претседателот на МАНУ Коцарев предупреди на можноста од укинување на катедрите по македонски јазик и македонска книжевност на Филолошкиот факултет. Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова- Грујоска, истакна дека недоразбирањата на таа тема се надминати.

По речиси две децении обновена е спомен собата на основоположникот на современиот македонски јазик Крсте Петков-Мисирков. Од Институтот за македонски јазик посочуваат дека старите документи од претходната поставка се зачувани во електронска форма и заедно со нови фотографии и документи, сведочат за посветеноста на Мисирков.

Марина Стојанова-Тонева