Почна попишувањето на бездомните лица, околу 18.000 граѓани од дијаспората се пријавиле он-лајн
Трет ден попис во земјава. Во прифатниот центар во Визбегово се попишуваат лица од бездомните семејства. Околу 18 илјади граѓани од дијаспората до осум часот утрово се пријавиле преку на он-лајн апликацијата. Директорот на Заводот за статистика смета дека ова е одлична бројка...

Трет ден попис во Македонија. Околу 18 илјади граѓани од дијаспората до осум часот утрово се пријавиле преку на он-лајн апликацијата. Директорот на Заводот за статистика смета дека ова е одлична бројка. Тврди дека апликацијата е заштитенa и ги отфрли сомнежите за злоупотреба на внесените податоци. До нив, пристап има само Заводот за статистика, според строго утврдени протоколи. Иако, многу земји претходно барале формулари за поединци за да видат како се изјасниле на одреден попис, такви податоци никој не добил, ниту има право да добие, тврди директорот Симовски.
„Никој не може да добие формулар како се изјаснил, тие податоци не смеат да се даваат јавно и тоа важи за сите земји во светот. Не е само Бугарија, и други го барале тоа од нас, за да им доставиме како се изјасниле во пописот, но никој не добил ниту пак ние имаме право да даваме ваков податок. Базите се наши и никој друг нема пристап, ниту фирмата која ја направила апликацијата. Во базата може да влезе само претходно проверено лице со сертификат, дури ни јас не можам да влезам во базите“, вели Симовкси.
Во прифатниот центар во Визбегово се попишуваат 105 лица од бездомните семејства.
„Преку податоците добиени со пописот ќе добиеме информации како понатаму да постапуваме во однос на изградба на детски градинки, домови за стари лица, а исто така ќе се знае и колку невработени има во државата па според тоа ќе ја креираме понудата за вработување“, изјави министерката за труд, Јагода Шахпаска.
Официјалниот почеток на сеопфатната статистичка операција во земјава е на први и ќе трае до 21-ви април. Земјава не спровела попис од 2002-ра година.
Андријана Атанасовска
