Заев сам побара Собранието да гласа доверба на Владата
Време е да расчистиме и затоа барам доверба на Владата, настап на претседателот на Владата Заев во Собранието. Браво за тестот, но „уа“ за постапката бидејќи немаме сега три дена за расправа, му порача координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Мицевски...

Премиерот Зоран Заев усно побара од Собранието да се изјасни за доверба на Владата. Тој ги повика пратениците да изгласаат доверба на Владата, обвинувајќи ги ВМРО -ДПМНЕ дека пласирале лажни вести. Заев нагласи дека нема да дозволат несигурност, неизвесност, сопки и блокади.
„Ред е да се соочиме и расчистиме, да го видиме на дело толку најавуваното мнозинство од опозицијата која наводно ќе ја падне оваа влада. Ова е моментот кога ќе покажеме пред граѓаните колку има вистина од опизицијата, да видиме за што станува збор – стабилна власт со стабилно мнозинство или разнишана опизиција. Мора да е едното од двете ако не и двете заедно“, рече Заев пред пратениците.
Од опозициската ВМРО- ДПМНЕ со критика за тоа што Заев усно го постави прашањето за доберба на Владата, што значи дека ќе мора да се гласа во рамките на истата седница. Според нив, наместо на иста седница, гласањето треба да се одвива после тридневна дебата на која би се кажале сите аномалии на оваа Влада.
„Избегнувате дебата со пратениците, со јавноста. Граѓаните на Република Македонија добро знаат оваа влада на кој начин работи. Зошто не го направивте ова на друг начин, да дозволите три дена да продискутираме, сите пратеници- мнозинството ќе ве брани, ние нема да ве напаѓаме, ќе ви ги кажеме само аномалиите“, изјави Никола Мицевски, од ВМРО-ДПМНЕ.
Согласно процедурите, откако премиерот усно го постави прашањето за доверба, сега претседателот на Собранието, Талат Џафери треба да го извести претседателот на државата Стево Пендаровски, а гласањето ќе биде во рамките на истата седница.
Марија Котовска
