Симовски: Дали ќе има или ќе нема откажување на пописот, зависи од Комисијата за заразни болести
Досега се попишани речиси 25 илјади македонски граѓани во дијаспората. Дали ќе има или ќе нема откажување на пописот во земјава, зависи исклучиво од Комисијата за заразни болести, и секоја нејзина одлука ќе се почитува, изјави директорот на државна статистика, Симовски...

Во овие моменти има услови за спроведување на пописот на терен, но секој поединец мора да ги почитува безбедносните протоколи, тврди директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски. Тој информира дека Комисијата за заразни болести ја следи состојбата на дневна основа, а пописот може да се одложи само ако тие тоа го препорачаат.
И премиерот Зоран Заев не гледал никаква причина за одложување на пописот. Процесот, вели тој, ќе биде спроведен согласно безбедносните протоколи, а одложувањето и немањето на податоци носело неправди, нерамноправност и нееднаквост кај граѓаните.
Во меѓувреме, се користат сите можни начини за информирање на иселениците за пописот преку дипломатско конзуларните претставништва, информира министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Инаку, надлежните по средбата со првите луѓе на верските заедници договорија и тие да дадат поддршка за успешно спроведување на пописот.
Марија Котовска
