Усвоен извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ

05.03.2021 16:12

Во извештајот била усогласена компромисна формулација дека добрососедските односи се важен дел од преговарачкиот процес, односно дека Договорот со Бугарија мора целосно да се спроведе и дека тој игра клучна улога во регионалната соработка.

Комисијата за надворешни работи на Европскиот парламент го усвои извештајот за напредокот на земјава на патот кон ЕУ, во кој е нотирано дека Европската унија треба да покаже јасна политичка волја и да ја одржи првата меѓувладина конференција, што официјално ќе го означи почетокот на пристапните преговори.

„Ова треба да се направи што е можно поскоро со цел да се спречат понатамошни одложувања, потврдувајќи ги кредибилитетот, објективноста и веродостојноста на процесот на пристапување, но исто така и да се спречат понатамошните одложувања да му наштетат на помирувањето постигнато во регионот “- се вели во извештајот на европратениците.

Во извештајот била усогласена компромисна формулација дека добрососедските односи се важен дел од преговарачкиот процес, односно дека Договорот со Бугарија мора целосно да се спроведе и дека тој игра клучна улога во регионалната соработка.

Последната во низа провокации од официјална Софија е за наводната репресија на бугарското малцинство во изразувањето на нивната етничка припадност на престојниот попис.

Ако забелешките се дека поради тоа што бугарската етничка заедница како посебна заедница не се споменати во Уставот, при прикажување на резултатите од пописот, се ставаат во категорија останати, додека само тие што се споменати во Уставот се презентираат нивните проценти- истакна шефот на дипломатијата Османи и додаде дека во таа насока нема да има промени во Уставот на државата.

„Постои техничка можност да се прикажат за да не се добие впечаток дека нешто криеме. Немаме никаква резерва да ги прикажеме граѓаните така како што се презентираат, не смееме да дозволиме некој да прави кампања дека државата прави притисок, репресија на кој било граѓанин заради својата етничка припадност“, изјави шефот на дипломатијата Османи.

Европската комисија со реакција. Брисел апелира сите страни да се однесуваат конструктивно и да не го политизираат пописот, кој треба да остане статистичка операција, а не политичка операција.

 

Марина Стојанова- Тонева