Повторно отворена модуларната болница, имунизацијата продолжува во поликлиниката „Букурешт“
Инфективната клиника целосно е исполнета, здравствените власти ги отворија вратите на модуларната болница. Лекарите ги загрижува тоа што во болниците лежат сѐ помлади пациенти.

Два месеци подоцна, состојбата повторно променета. Повеќе од 300 пациенти со компликации од коронавирусот се лекуваат на инфективните одделенија во главниот град. Најголем дел се на кислородна поддршка. Само во изминатото деноноќие се хоспитализирани нови 24-ца болни. Инфективната клиника целосно е исполнета, здравствените власти ги отворија вратите на модуларната болница. Лекарите ги загрижува тоа што во болниците лежат сѐ помлади пациенти.
По два месеци пауза, модуларната болница кај Инфективната клиника повторно почна со работа. Во изминативе недели функционираше како пункт за имунизација на здравствените работници, тука сега повторно се лекуваат ковид позитивни пациенти.
Имунизацијата против ковид на здравствените работници се префрли во поликлиниката „Букурешт“ . Поголем застој не е забележан. Се вакцинира на четири позиции. Редовната имунизација на децата од оваа поликлиника се спроведува во Ѓорче Петров.
„Нема поголем застој на здравствеби работници кои чекаат да се вакцинираат. Вчера до покасно се подготвувме за да одговориме на сите предизвици. На дечињата им беше кажано уште вчера, имавме известување дека се пренасочуваат за вакцинација во поликлиниката Ѓорче Петров исто во одделот за предшколски деца. Во модуларната имаше шест позиции, тука имаме четири, но сега за сега се функционира одлично. Организирани сме да не се враќаат пациентите, по една патека да одат“, изјави д-р Сања Цилевска Младеновска – општ лекар.
Со вакцината на „Фајзер“ од соседна Србија, во земјава се имунизираат околу четири илјади здравствени работници.
Андријана Атанасовска
