Поранешни професионални војници незадоволни од третманот

07.03.2021 14:49

„Излажани сме и изманипулирани дека по завршување на службата ќе добиеме вработување и повисоки плати“- дел од поранешните професионални војници незадоволни од третманот. Од одбрана одговор- ниту еден професионален војник со навршени 45 години нема да остане со нерешен статус. Апел до пратениците да ги изгласаат законските измени.

Професионалните војници кои наполниле 45 години и ја завршиле службата во армијата немаат приоритет при вработувањето во државните институции, реагираат дел од поранешните професионални војници. Се жалат дека наместо нив во противпожарните бригади во општините се вработуваат цивили. И покрај ветувањата дека платата во државните институции ќе им биде слична како армиската, на местата каде се вработуваат земаат под минималната плата во државата. Велат дека министерството не ги исполнило ветувањата од пред една година дека ќе се вработат во противпожарните бригади, затворската и судската полиција со слична плата како што имале во армијата.

Се грижиме за сите војници коишто заминуваат од армијата  за да се вработат во некоја од државните институции, со што ќе ја продолжат својата втора кариера, возвратија од Министерството за одбрана. Ова е меѓу врвните приоритети во ресорот.

Со предлог законот за служба во армијата што е во собраниска процедура се предвидува секој професионален војник над 45 години старост да може да се вработи во државна институција или да добие паричен надомест по 1.000 евра за секоја година работен стаж во службата. Од министерството апелираат пратениците што побрзо да ги изгласаат законските измени.

 

Ирина Гелевска