Нов вид измама се шири преку социјалните мрежи, со туѓи податоци до брзи кредити
Измамници повторно напаѓаат преку социјалните мрежи. Измамени се неколку граѓани кои ги откриле своите лични податоци на непознати лица, кои потоа ги злоупотребиле за подигање на брзи кредити. Надлежните апелираат за крајна внимателност од граѓаните кому ги доверуваат своите матични броеви и трансакциски сметки...

Нов вид на измами се шири преку социјалните мрежи, предупредуваат од СВР Штип, каде се пријавени неколку случаи за злоупотреба на лични податоци кои биле користени од страна на измамници за електронско аплицирање и добивање на брзи кредити. Жртвите им поверувале на измамниците дека пари за лекување на болни деца само ќе поминат низ нивната сметка и за таа цел им ги давале своите матични броеви, број на трансакциска сметка или електронска здравствена легитимација.
Откако парите ќе пристигнале на сметката, оштетените сами ги подигале и преку посредници им ги праќале на измамниците, не знаејќи дека потекнуваат од брзи кредити на нивно име. Полицијата работи на расветлување на измамите, но апелира на крајна внимателност и заштита на личните податоци.
На подрачјето на СВР Штип, деновиве зачестени се и пријавите за измами сторени од лица кои како растурачи на магии и гатачи успеале да одземат златен накит на две жени во Штип и Кочани.
Славица Величковска
