Дипломатија

Османи- Ди Мајо: Силна поддршка за почеток на пристапните преговори

08.03.2021 15:33

Италија дава силна поддршка за почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ, ова е заклучено на средбата на шефовите на дипломатиите на Италија и Северна Македонија, Луиџи Ди Мајо и Бујар Османи во Рим. Отворањето на пристапните преговори ќе донесе повеќекратна корист за земјава, за ЕУ и регинот, се согласиле двајцата министри. Во Ватикан, Османи ќе оствари средба со ватиканскиот секретар за односи со државите, Монсињор Пол Ричард Галагер...

Италија е решена преговарачката рамка за Македонија и Албанија да биде усвоена во првото тримесечје од оваа година, изјави шефот на италијанската дипломатија Луиџи Ди Мајо по средбата со министерот за надворешни Османи во Рим.

Според Ди Мајо, почеток на пристапните преговори со ЕУ е интерес на Италија. Рим очекува позитивен исход од дијалогот со Бугарија, со што ќе се врати кредибилитетот на унијата во процесот на проширувањето во регионот.

Министерот за надворешни потенцирал дека земјава ќе ги продолжи со европските реформи, со видливи резултати во владеењето на правото, борбата против криминалот и корупцијата.

Италија и Македонија имаат одлични билатерални односи, но постои простор за зголемување на економската и регионалната соработка, заклучиле шефовите на дипломатиите на двете земји во Рим.

 

Ирина Гелевска