Спасовски: Полицискиот час е непопуларна, но неопходна мерка

09.03.2021 13:18

Подобро е пократко време да имаме рестриктивни мерки, отколку да имаме целосно оптоварување на здравствениот систем, вели Спасовски.

Одлуките што мораме да ги донесеме, никој не ги посакува, но, тие се резултат на однесувањето на сите нас, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, коментирајќи ја седницата на владата за враќање на полицискиот час. Подобро е пократко време да имаме рестриктивни мерки, отколку да имаме целосно оптоварување на здравствениот систем, вели Спасовски.

„Одлуките кои мораме да ги донесеме, никој не ги посакува, меѓутоа тие се резултат на однесувањето на сите нас. Ако не ги почитуваме препораките, ако не носиме заштитна маска, ако се групираме и правиме настани коишто со сигурност значат ширење на вирусот, тогаш државата во еден момент мора да изреагира“, нагласи Спасовски.

Не сакаше да прејудицира која ќе биде крајната одлука што ќе биде донесена на Влада и на кој начин таа ќе се реализира, но апелираше до сите граѓани да ги почитуваат препораките.

„Оние граѓани кои сега реагираат на носењето на рестриктивните мерки, истите тие ќе реагираат многу повеќе во моментите кога ќе дојде до една широка заразеност на населението“, рече Спасовски во однос на реакциите во јавноста за можноста за повторно воведување на полицискиот час.