Со полицискиот час ќе се лимитира групирањето на младите
Какви се размислувањата на граѓаните за повторното воведување на ограничувањето на движењето? Повозрасните препорачуваат и подолго времетраење на полицискиот час. Експертите сметаат дека на овој начин ќе се лимитира групирањето на помладите, со што ќе се оневозможи трансмисијата на вирусот...

Забрзаното ширење на Ковид-19 и мутациите, но и преполнетоста на болничките капацитети, придонесе за повторно воведување на полицискиот час. Ограничувањето на движењето е од 22 до 5 часот изутрина. Граѓаните велат мерката треба да биде поригорозна за да има резултати.
„Од 10 до 5 тоа е ништо. И кафеаните работат и се работи.“
„Јас би рекла повеќе да има полициски час. Од попладне од 18 или 20 часот. Ова само за младиве е да седат дома.“
„Кој шета навечер. Еве сега кафеаните се полни, да прошетате ќе видите има многу луѓе. Сега се движат најмногу. Да е од 18 часот подобро ќе биде.“
„Мислам дека доста беше затворање, дека луѓето треба да живеат веќе слободно“- велат граѓаните кои ги анкетиравме.
Според микробиологот Пановски нема штета од полицискиот час, со оваа мерка најмногу ќе се ограничи движењето и групирањето на помладите во вечерните часови. Нема да влијае на економијата, а се надева дека ќе се намали преносот на вирусот.
„Помалку ќе има собирање на младите ќе се прибираат дома, дури подобро ќе биде и за образованието бидејќи сега со оваа он-лајн настава може да остануваат навечер и подолго, друго е кога кога ќе треба да станат да одат на училиште итн. И мислам дека ќе се намали преносот во домовите од страна на младите тие што остануваат после 22 часот. И да нема некој ефект мислам дека за економијата нема да има негативен ефект, а тоа гледам дека е основна цел на власта. Дека нема можности да носи мерки кои влијаат негативно на економијата“, вели микробиологот Пановски.
Полицискиот час ќе трае две недели, но не исклучува можноста да се спроведува и подолго време доколку продолжи да расте бројот на новозаболените. Во ковид- центрите во главниот град и во болниците низ земјава се лекуваат околу 900 пациенти.
Во март минатата година, прв пат беше донесен одлука за воведување полициски час на целата територија на државата. Првично траеше од 21 до 6 часот, потоа времето се менуваше согласно со предлозите на Комисијата за заразни болести.
Андријана Атанасовска
