Расте бројот на заболени од Ковид-19 во Крива Паланка

12.03.2021 14:43

Полициски час од 19 часот, бара Кризниот штаб на Крива Паланка, по значајниот пораст на бројот на заболени од Ковид- 19. Од штабот, но и од Здравствениот дом од оваа општина, информираат дека граѓаните не се придржуваат до мерките за лична заштита. Истовремено, штабот бара и Државниот пазарен инспекторат да прати инспектори од другите градови, бидејќи вработените од Крива Паланка се во изолација.

Расте бројот на заболени од Ковид-19 во Крива Паланка. Членовите на општинскиот кризен штаб загрижени од алармантната состојба од се поголемиот број на новозаболени, но и од несовесноста на граѓаните за придржување кон мерките, бараат полицискиот час наместо од 22, да биде од 19 часот. Согласно последните податоци од Министерството за здравство, бројката на активни случаи во Крива Паланка е 129, што е значајно зголемување во споредба со првиот и вториот бран.

„Споредбено со јануари кога за цел месец сме имале само 97, февруари 115, сега од 1-ви до 5-ти март имаме новозаразени 70. Реално во Крива Паланка постои почитување од сосема мал број на граѓани, повеќето ако зборуваме почитување на мерки, носење на маски, држање дистанца, но реално раздвиженост насекаде, пред банки, и во претходниот период што помина Задушница, 8-ми март, секаде имаше поголеми гужви каде може да се види и непочитување на мерките“, посочи Изабела Павловска, командант на кризен штаб во Крива Паланка.

Од Здравствениот дом во Крива Паланка, каде секојдневно се вршат тестирања со брзи тестови, потврдуваат дека периодов бележат раст на бројот на заболени. Пациентите кои имаат потреба од болничко лекување, со санитетско возило и медицинска екипа, ги праќаат во најблиските ковид центри, во Куманово и Скопје.

„Во моментот може да кажам дека имаме зголемување во нашата општина на бројот на ковид пациенти, кој се третира во домашни услови  и нивниот бројот се движи од 35 до 40 секојдневно“, вели Бранко Стаменковски, директор на Здравствен дом во Крива Паланка.

Кризен штаб на Крива Паланка на претходната седница апелираше заболените, да не го злоупотребуваат излегувањето за терапија, за шетање и набавка на продукти, а полицијата  да врши почести контроли во нивните домови. Истовремено, штабот бара и Државниот пазарен инспекторат да прати инспектори од другите градови, бидејќи вработените од Крива Паланка се во изолација.

 

Елена Георгиевска