Вархеји: Работете на реформите, но најдете решение и со Бугарија
„Македонија да го одржува темпото на спроведување на реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатераните прашања со Бугарија“- порача еврокомесарот за проширување Вархеји од Економскиот форум во Тирана. Премиерот Заев вели дека земјава сака мирна и достоинствена соработка со соседите, но никогаш нема да си дозволи да разговара за идентитетски прашања...

Работете на реформите, но најдете решение и со Бугарија. Еврокомесарот за проширување на Европската унија, Оливер Вархеји, од економскиот форум што се одржува во Тирана, со порака до земјава.
„Комисијата смета дека за првата меѓувладина конференција со Албанија за почеток на преговорите со ЕУ се исполнети сите услови, благодарение на важните реформи во изборниот закон, владеење на правото и во судскиот систем, вклучувајќи го и ветингот на судиите и обвинителите. Северна Македонија го одржува темпото на спроведување на ЕУ реформите, но важно е брзо да се најдат заеднички прифатливи решенија за билатералните прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија“, рече Вархеји.
Новата методологија во Унијата влијаела на нацрт- преговарачките рамки за Албанија и за Македонија, а земјите- членки сѐ уште не постигнале согласност и дискусиите продолжуваат.
Премиерот во обраќањето повтори дека предолго е во чекалницата и оти граѓаните не може да живеат само од идеи. Потребни се сериозни политички одлуки.
„Северна Македонија никогаш немала друг интерес освен мирно и достоинствено да кохабитира со своите соседи и со сите нации и етникум во Европа. Но, да бидам кристално јасен и да го повторам уште еднаш ставот на владата. Ние никогаш нема да си дозволиме да разговараме за она за што не може да се разговара. А тоа е кои сме, кои се нашите идентитетски атрибути и која е генезата на нашата државност и јазик“, порача Заев.
Заев им се заблагодари на комесарот Оливер Вархеjи и сите политички и административни чинители кои се активен дел од процесот, посебно околу помошта која ни била дадена и која допрва треба да стигне во справувањето со економските последици кои ги доживеавме поради кризата со Ковид-19.
Катерина Топалова
