ВМРО-ДПМНЕ предлага пратениците да имаат само македонско државјанство, СДСМ се согласува
„Пратеник да може да стане секој македонски полнолетен граѓанин што поседува исклучиво само македонско државјанство“, пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со предлог- законски измени. Од СДСМ, велат дека поддржуваат законски решенија што не дозволуваат можност, народните избраници да поседуваат двојно државјанство...

Пратеничката група на опозициската ВМРО-ДПМНЕ предлага „пратеник да може да стане секој македонски полнолетен граѓанин што поседува исклучиво само македонско државјанство“.Предлог измени во Законот за пратеници веќе е поднесен во Парламентот по скратена постапка.Од партијата велат дека законот треба да се донесе по примерот на законите за МНР и безбедносните служби, за да се расчистат дилемите кои се појавиле во јавноста.
Од СДСМ, пак, велат дека во принцип поддржуваат законски решенија што не дозволуваат можност народните избраници да поседуваат двојно државјанство.
Алијансата на Албаните и Алтернатива велат дека сѐ уште не го разгледале предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за измени во законот на пратеници. Сепак велат дека тие ќе го блокираат било кој закон во парламентот, сѐ додека нивниот Закон за државјанство не се дебатира на комисија, и не се усвои на пленарната седница.
Во ДУИ сметаат дека со законите во земјава е дозволено секое лице кое е носител на државна функција или пак е кандидат да поседува и друго државјанство, освен македонското. Додаваат дека не гледаат смисол ваков закон да се дебатира во законодавниот дом.
Предлог-законот доаѓа по објавата на бугарскиот министер за одбрана Красимир Каракачанов, во која посочува листа со 20-ина имиња од избирачките списоци за претстојните избори во Бугарија, за кои вели дека се стекнале со бугарско државјанство откако се произнеле дека се етнички Бугари.
Игор Панов
