Ковид-19

Силен притисок врз болниците

14.03.2021 17:04

Сериозен притисок врз македонскиот здравствен систем. Новиот бран на коронавирусот го зголеми бројот на хоспитализирани на повеќе од илјада пациенти. Приеми имало во сите ковид-центри. Лекарите со апел до граѓаните да ја разберат сериозноста на ситуацијата и строго да ги почитуваат мерките. Она што особено загрижува е што се почесто во болница завршуваат млади луѓе, со потешка клиничка слика, на кои им е потребна кислородна поддршка...

Новиот бран на коронавирусот направи сериозен притисок врз болниците. Во ковид- центрите низ државава се хосптализирани повеќе од 1.000 пациенти. Најголем дел од нив се на кислородна поддршка. Надлежните уверуваат дека има слободни кревети, а според последните информации од Министерството за здравство, останати се околу 350 легла.

Интерните клиники работат со полн капацитет, каде имало и најмногу приеми на ковид позитивни. Сега таму се хоспитализирани околу 200 пациенти, а има уште 40- тина слободни места.

Новиот бран на коронавирусот повторно ги исполни болниците со пациенти. Само во последното деноноќие во ковид центрите во главниот град хоспитализирани се 55 граѓани поради компликации од вирусот, половина од примените биле на интерните клиники.

Според директорот на неврологогија, доктор Иван Барбов, вирусот се почесто ги напаѓа помладите, предизвикувајќи сериозно воспаление на белите дробови.

„Ние не сме сигурни дали сите причинители се британскиот сој или има и од другите соеви на вирусот кои порано беа присутни. Но факт е дека клиничка слика кај пациентите се менува. Во изминативе денови зголемен е бројот кај прием на пациенти кои се помлади меѓу 30 и 50 години кои се со потешка клиничка слика, односно со тешко воспаление на белите дробови и неопходна потреба од кислородна поддршка“, изјави д-р Иван Барбов, директор на Клиниката за неврологија.

Доколку се почитуваат мерките, граѓаните носат маска и избегнуваат групирање, доктор Барбов се надева дека овој бран на вирусот нема да ја има силата како есенскиот.

Андријана Атанасовска