Најмногу самопопишани во Швајцарија, најмалку во Канада
Преку апликацијата за самопопишување досега се евидентирани над 60 илјади лица од дијаспората, бројка помала од очекуваната, оценува министерот за надворешни работи Османи. Најмногу лица се самопопишале во Швајцарија, а најмалку во Канада...

Досега над 60 илјади граѓани од дијаспората се евидентирале преку онлајн апликацијата. Според шефот на дипломатијата Османи оваа бројка е помала од очекуваната. На прво место е Швјацарија, каде што на пописот се регистрирале околу 16 илјади, потоа следат Германија со 10 илјади, Италија со шест илјади. Послаб интерес за електронската апликација за пописот пројавиле иселениците во Австралија и во Канада.
„Минатиот понеделник бев во работна посета на Рим, каде покрај средбите со државниот врв, остварив средби и со претставници на нашите здруженија кои се активни во Италија. Отворено ја побарав, ги повикав на активна мобилизација, ја добив нивна поддршка, за заеднички да ја пренесеме информацијата до нашите граѓани во странство за важноста на пописот. Веќе утре заминувам за Швајцарија, а потоа и за Мадрид, каде покрај официјалните средби, во агендата имам голем број средби и со претставници на нашата дијаспора“, изјави шефот на дипломатијата Османи.
Османи додаде дека активно се работи на промоција на операцијата, а работната група на МНР е во постојано заседавање и ја следи работата на дипломатските претставништва, телефонските линии се постојано отворени. Побара поддршка и од медиумите.
„Пописот е важна работа, а учеството на дијаспората значи правилно мапирање на дистрибуцијата на нашите граѓани во странство, што е важно за да имаме основа за носење развојни политики врз прецизни податоци, кои ќе бидат од директно значење за нашата дијаспора“, нагласи Османи.
Околу евентуалниот бојкот од дијаспората, министерот рече дека нема информација ниту од амбасадите, ниту од личните контакти дека некој активно бојкотира попишувањето.
Марина Стојанова- Тонева
