ВМРО- ДПМНЕ побара од ДКСК да го истражи случајот со кинеските вакцини
ВМРО-ДПМНЕ поднесе претставка до антикорупциска за министерот за здравство за кинеските вакцини. Нема тужба засега, туку најпрвин барам јавно извинување од пратеникот Лефков, прача Филипче...

Опозициската ВМРО – ДПМНЕ поднесе претставка и побара од антикорупционерите да го истражат случајот за кинеските вакцини за кои опозицијата вели дека постои сомнеж за криминал и корупција. Доставија документи од кои се гледа дека Филипче овластил фантом- фирма да преговара во името на државата со кинески „Синофарм“ за набавка на 200 илјади вакцини по цена од 62,5 долари од вакцина. Велат, документите се со потпис на Филипче, а на нив стои дека извор е Централниот регистар на Хонг Конг.
„Ова се документите од кои се гледа дека Филипче ја овластил фирмата, а ова е неговиот потпис. Ова се документите од кои се гледа дека истата на сметка во Дојче Банк има гаранција од 12.5 милиони евра. А ова се и документите од Централниот регистар на Хонг Конг од кои се гледа дека фирмата е формирана само три месеци по формирањето на владата на зоран Заев. Ја повикуваме ДКСК веднаш да отвори случај и да го испита работењето на Филипче“, рече Миле Лефков од ВМРО – ДПМНЕ.
Министерот за здравство Филипче ќе бара од пратеникот Миле Лефков најпрвин јавно да му се извини, а доколку не го стори тоа ќе поднесе тужба за навреда и клевета до Граѓанскиот суд. Од Министерството за здравство велат дека опозициската партија шири дезинформации во јавноста. Според нив нема ништо спорно, ниту е направена штета.
„Министерот за здравство д-р Венко Филипче согласно со Закон за граѓанска одговорност за навреда и клевета од Миле Лефков пратеник на ВМРО-ДПМНЕ ќе побара јавно извинување, а потоа како што најави до Основен суд 2- Скопје ќе поднесена тужба против Лефков. Министерството за здравство досега во повеќе наврати ја информираше јавноста дека опозициската партија ВМРО- ДПМНЕ пласира лажни информации во јавноста во врска со набавката на вакцини од кинескиот производител Синофарм“, велат од Министерството за здравство.
Иако Македонската телевизија побара одговор од здравствените власти колку пари биле уплатени на фирмата посредник како гаранција за кинеските вакцините, одговор засега не добивме. Нема одговор ниту за датумот на пристигнувањето на најавените 200 илјади вакцини од производителот „Синофарм“.
Андријана Атанасовска
